Жабји батаци:Француски деликатес што ја нарушува рамнотежата на екосистемот

Кога ќе помислите на француската кујна, првото нешто што веројатно ви паѓа на ум освен полжавите и паштетата од гускиниот црн дроб се жабјите батаци. Се служат пржени, крцкави и зачинети со лук, а Французите секоја година јадат околу 4.000 тони од овој традиционален специјалитет.

Но, иако француското Министерство за земјоделство смета дека јадењето е кулинарско наследство на источниот француски регион Бургоњ-Франш-Комте, повеќето од копаните од жаби се увезуваат од странство. Во Франција жабите кои можат да се јадат се заштитени со децении. Во таа земја, како и во поголемиот дел од Европската унија, постојат строги прописи за тоа колку животинки смеат да бидат уловени.

Увоз од Азија

Во Бургоњ-Франш-Комте е дозволен лов на жаби под строго дефинирани услови во периодот меѓу февруари и април кога овие водоземци пристигнуваат во рибниците за размножување.

Но за да се задоволи побарувачката, Франција секоја година увезува околу 2.800 тони жабји батаци. Јадењето е многу популарно и во Белгија. Но ова им создава проблеми на земјите снабдувачи, вклучително и Индонезија, најголемиот извозник на жабји копани во светот.

Познавачите велат дека европските апетити за овој деликатес не само што ја загрозуваат популацијата на ретки видови жаби, туку и рамнотежата на екосистемот.

Ганџар Кахјади, експерт за заштита и грижа за водоземците и кустос на Зоолошки музеј во Бандунг, Јава, вели дека „владата минимално ја регулира и надгледува трговијата со жабји нозе“.

Тој додава дека нема официјални податоци за бројот на диви жаби во таа островска држава.

„Не знаеме колку жаби се извезени, а колку останале во дивината.

Слична е ситуацијата и во Виетнам, уште еден голем извозник на бараните водоземци.

„Бројот на жаби овде општо е значително намален во последните децении“, вели Мај Нгуен од Организацијата за заштита на животните Humane Society International.

„Кога живеев на село како дете, тие беа лесно да се најдат и фатат, но денес, по речиси 40 години, тешко е да се најдат дури и диви жаби“, вели таа, додавајќи дека владата за жал не планира да ограничува продажба или извоз на овие животни.

Ловот на жаби може да уништи сè уште неоткриени видови

Дождовните шуми во Југоисточна Азија, особено во Индонезија, се познати по нивната висока биолошка разновидност. Биолозите и научниците продолжуваат да откриваат нови, досега невидени животински видови таму.

Кахјади предупредува дека широко распространетиот лов на жаби може да ги уништи се уште неоткриените видови пред научниците да ги пронајдат. Тој додава дека мора итно да се направи повеќе кога станува збор за истражување и пред се заштита на животните.

Жабите се плен, но и ловци, што ги прави клучен дел од синџирот на исхрана.

Кога зборуваме за намалување на популацијата на инсекти, како што се скакулците и комарците, не можеме да ги прескокнеме водоземците, кои се незаменливи.

Жабите се природен инсектицид

„Жабите се едноставно природен инсектицид. Јадат инсекти кои можат да предизвикаат проблеми за земјоделството, но и за јавното здравје“, вели Кахјади.

„Без жабите, би морале да користиме многу повеќе хемикалии за да ги контролираме овие инсекти, кои би биле штетни и за животната средина и за здравјето на луѓето.

Едно од решенијата би можело да биде фокусирање на одгледување жаби за извоз наместо нивно ловење, смета Кахјади, додавајќи дека тоа ќе биде од корист и за локалната економија бидејќи ќе се отворат нови работни места.

Францускиот продавач на риби Патрик Франсоа дошол до слична идеја пред 13 години. Тој ја основал веројатно првата фарма за жаби во јужното француско село Пјерелат во близина на Прованса.

„Гледам дека луѓето се повеќе се обидуваат да одгледуваат жаби локално. Затоа се фокусирав и на тоа“, вели Франсоа, кој сега одгледува жаби.

Неговиот проект го овозможија посебен вид жаби одгледувани од научниците. За разлика од жабите кои јадат само животни во движење, овој вид ги јаде и оние што не се движат.

Од моментот кога ќе се излегнат до моментот кога ќе бидат убиени, жабите го поминуваат своето време во околу сто танкови во просторијата за размножување.

Денес, тој доставува жабји нозе на десетина купувачи на елитните пазари. Вели дека „повеќе не може, бидејќи и неговата продукција не е бесконечна“.

Во меѓувреме, други одгледувачи во Франција го следат неговиот пример и отвораат фарми за жаби.

Според податоците на Министерството за земјоделство од 2019 година, одгледувачите на жаби произведувале околу 10 тони копани годишно, а проценуваат дека во иднина оваа бројка би можела да биде значително поголема.

ТРТ БАЛКАН