Уметноста е креативна активност која му овозможува на човекот да го оствари својот внатрешен свет. Може да се создава со помош на звуци, танци, слики, зборови, цвеќиња, разни природни материјали и така натаму. Уметноста е една од многуте форми на свесност на интелигентните суштества. Тоа произлегува благодарение на креативноста на специфични поединци кои допираат теми што се интересни не само за авторот, туку и за другите луѓе.
Историја на уметноста опфаќа период во кој што се опишува напредувањето на уметноста од минатото кон новото време односно современото, а додека пак уметноста подразбира начин преку којшто луѓето креативно се изразуваат на пример: ликовната, музичката, филмската уметност и занаетчиството. Ова се тие начини преку кои луѓето си ги изразуваат креативно своите чувства и емоции.
Жената како тема за анализа е присутна во голем број аспекти од уметноста, во филмската уметност, во ликовната уметност, литературата, музичката уметност и сл. Но таа не претставува само објект туку и субјект кој активно учествува и придонесува во тие остварувања. Често пати женската уметност се поврзува со феминистичката естетика. Естетиката е дисциплина за убавото, и ако ја поврземе со феминизмот ќе разбереме дека феминистичката естетика е дисциплина за убавината, убавото, убавиот изглед на жената. Од убавиот изглед на жената писателите добиваат инспирација за пишување односно таа е нивнатаа муза. Ликовните уметници го сликаат нејзиното тело, фотографот го фотографира нејзиното лице или облеката која ја носи. Во минатото жената на некоја фотографија е истакната тело без дополнителни обработки, но во поновите модерни времиња фотографијата на која е некоја женска личност најчесто се обработува низ „фотошоп“, нешто се додава или нешто се одзема за да се достигне замислата за тоа каква треба да е жената за да е убава или какво треба да е женското тело за да биде посакувано. Ако во минатото симбол за убава жена беше жената со облини, до неодамна низ светот на модата и филмот дефилираа толку слаби девојки, што нивното тело се изгладнуваше до анорексија или булимија.
Во историјата на уметноста жените како субјект биле природни односно: немале надоградба на коса, силиконите на устата и градите. На пример Фрида Кало била типична по своите споени веѓи, додека пак во денешните модерни општества на жената и е овозможено да си ја надогради косата, да има силикони како надополнување и менување на сликата за себе, да биде естетски средена за да биде на насловна страна на некое познато списание. Денес за среќа се повеќе зборуваме за вистинските вредности на една женска личност, знаењата, вештините кои ги поседува, умешноста да направи нешто значајно за себе но и за околината.
Во филмската уметност личност која што е добро позната во светот на филмот е американската актерка и режисерка Анџелина Џоли. Анџелина Џоли (родена како Анџелина Џоли Војт во Лос Анџелес, Калифорнија, САД на 4 јуни 1975) е еден од најголемите промотори на добротворни акции и амбасадор на канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Една од најплатените холивудски актерки и амбасадор на добра волја на „УНИЦЕФ“.
Станува позната по својата актерска кариера, својата хуманитарна работа и по својот сексапил. Џоли првпат станува свесна за глобалната хуманитарна криза на снимањето на фиолмот „The Tomb Raider“ во сиромашна Камбоџа полна со мини.
Таа патувала во бројни земји кои се погодени од сиромаштија и посвојувала деца од тие земји: Камбоџа, Етиопија и Виетнам. Покрај посвоените кои се од различна земја и различна расна припадност таа има и свои биолошки деца. Нејзиното семејство брои вкупно шест деца. Со ова таа испраќа порака до сите, а посебно до жените дека покрај тоа што имаат свои биолошки деца можат да имаат и посвоени деца на кои ќе им дадат многу љубов, топол дом, образование и здравствено осигурување. Таа иако е белец му покажа и докажа на светот дека посвојувањето на деца од различна раса може да придонесе до сузбивање на расизмот, почитувањето на индивидуата и личноста на секој поединец без оглед на расата или етничката припадност. Анџелина не поддржува расизам и затоа таа своите деца ги учи на единство, дека сите деца без разлика на нивна припадност се исти под ова сонце и небо.
„Не можеме да се затвориме пред информациите и да го игнорираме фактот дека милиони луѓе некаде страдаат. Искрено сакам да помогнам. Не верувам дека се чувствувам поинаку од другите луѓе. Мислам дека сите сакаме правда и еднаквост, шанса да живееме со смисла. Сите сакаме некој да ни помогне доколку се најдеме во лоша ситуација.“-вели Анџелина Џоли.
Нејзината хуманитарна акција се базира на тоа дека таа почнала да ги посетува бегалските кампови во нејзините рани дваесетти години. Во текот на првите три години како амбасадор на добра волја, Џоли ги фокусирала своите напори на теренски мисии, посета на бегалци и внатрешно раселени лица ширум светот. Запрашана што сака да исполни, таа изјави: „Свесност за незгодната состојба на овие луѓе. Мислам дека треба да се пофалат за тоа што го преживеале, а не да се гледаат одозгора“.
Таа помогнала да се создадат училишта за девојчињата бегалки, учествувала во хуманитарни организации и друго. Ќе цитирам една мисла која што вели: „Ако не излезеш надвор од кутијата во која што си израснал, нема никогаш да разбереш колкав е светот“. Целосно се согласувам со оваа нејзина мисла затоа што ако останеме во домот и во семејствот во кое што сме се родиле, развивале физички, психички, социјално и когнитивно ние никогаш нема да дознаеме колку е голем светот и како тој функционира. Ако го споредиме ова со „комфор зоната“ ќе разбереме дека ако константно седиме во таа зона очекувањата за тоа дека ќе ни се случат убави нешта и моменти нема да се исполнат и секако ако не се случат ќе има разочарување. Но ако излеземе од зоната тогаш ќе сфатиме се што ни пружа тој голем свет во кои живеме и ќе бидеме среќни.
Во интервјуто за добро познатото списание „Vogue“ на прашањетo: „На која возраст најмногу сте се чувствувале удобно со вашата женственост?“- таа одговорила со следнава кратка реченица: кога за првпат станала мајка се формирало чувство на леснотија. Тоа чувство на леснотија е на коешто растело и се менувало со секоја измината година и секоја фаза од нејзиниот животот. За неа, тоа е учење за тоа како треба да се прифатите себеси и да ги прифати оние промени кои ги носи животот.
Нејзината мајка починала од рак кој бил предизвикан од наследен ген. Бидејќи и нејзината тетка имала рак, по генетските анализи Анџелина прави двојна мастектомија на градите и хируршки ги отстранува јајниците за да се заштити но и да создаде свест за ракот на дојката и јајниците кај жените ширум светот и нивното навремено дијагностицирање за успешен третман на болеста.
Анџелина Џоли го одржува најпознатиот говор за еднаквоста на жената во кој што истакнува дека е против насилството на жените:
,, Поддршката треба да биде најсилна таму каде што имаме закана, повеќе од половина од жените и девојчињата кои што се со огромно мнозинство доживеале насилство, родово базирано насилство, сексуално, физичко и психичко насилство“. Таа вели дека насилството врз жените се смета за помало кривично дело, а вооружените групи во некои кризни подрачја од светот тоа го земаат во своја корист. Во таа смисла Анџелина ги храбри жените да пријават насилство за да докажат дека се силни. Таа вели дека сите жени треба да бидат покрај своите мажи, но и да продолжат да се борат за своите права, да примаат еднаква плата со мажите, да се борат против дискриминација на работното место и насилството од било каков вид.
Влијанието на Анџелина во светот на рамноправноста и заштитата на жените жртви на насилство е огромно. Благодарение на јавните настапи и отвореното зборување на овие горливи теми денеска во светот се повеќе се користат телефонски линии на кои што се пријавува секаков тип на насилство и тие се достапни дваесет и четири часа и седум дена во текот на неделата. Овие телефонски линии ѝ помагаат на жртвата да се поврзе со локалните ресурси и институции за заштита. Жртвите одат во шелтер центри односно засолништа каде жените и децата добиваат безбедно засолниште, храна, облека, здравствена заштита, советодавна поддршка и услуги за децата. За време на овој привремен престој, тие учат како да развијат безбедносен план, план по кои што понатаму семејството треба да се води ако наиде на слични ситуации се со цел да продолжи да живее живот без страв. Џоли соработувала со сенаторката Хилари Клинтон од 2005 година за да добие пари за „Образование за сите“ од американскиот Конгрес.
На 12 октомври 2005 година, Џоли е наградена со Глобална хуманитарна награда од УНА-САД. Во 2006 година, Џоли започнала да лобира за хуманитарни интереси во Вашингтон, каде што за време од три години најмалку дваесет пати се сретнала со конгресмени и сенатори со цел да собере што е можно повеќе парични донации. Таа за „Форбс“ вели: „Се додека сакам, ќе го посетувам Вашингтон, бидејќи само така ќе се движи топката“ , мислејќи дека само на тој начин ќе може да го даде својот придонес за подобро утре за ранливите луѓе.