Жените од истокот со месеци немаат мамограф за преглед на гради, во Берово ехо апаратот не работи

Неколку месеци жените од крајниот исток на Македонија се без мамограф. Единствениот ваков апарат којшто Здравствениот дом во Македонска Каменица го доби ВО 2016, е надвор од функција. Ништо поразлично не е и во останатите градови. Во Делчево се вршат прегледи само на приватно, а во Берово ехо апаратот не работи, а мамографот поради преголемо зрачење, е забранет за употреба. Сега жените се принудени да патуваат по неколку километри и решението да го барат во приватните клиники или во најблиските болници во Штип и Кочани. Месечно во кочанската Болница, се прегледуваат по триесетина жени

„На мамографот кај нас во Кочани на мамографот се опслужуват пациенти од Кочани, Виница, Берово, Пехчево, Каменица, а имаме пациенти и од Свети Николе и Пробиштип” изјави Кристина Серафимова-дир. на Општа болница во Кочани…поради што имаме пациенти од другите градови

Во Кочани најмладата пациентка има само 19години, објаснува директорката на тамошната болница, посочувајќи дека раната детекција игра клучна улога во борбата со карцином на дојка. И од невладиниот сектор алармираат дека старосната граница постојано се поместува, а бројот на новозаболени жени е во пораст.

„Бројката се зголемува. И за жал што е најчудно, не знам што е причината што имаме и многу млади пациентки , жени т.е девојки. Еве на пример од последните информации од Министерството за здравство имаме и дваесетгодишна девојка која е оперирана од карцином на дојка„ изјави Даниела Панева од Организацијата на жени на Свети Николе.

Свети Николе долги години важеше за град со најмногу заболени, но и со најголем процент на морталитет кај жените заболени од карцином на дојка. Пред неколку години од светиниколската Организација на жени, побара да се направи научно истражување и да се утврдат причините, но како што објаснува Панева, процесот бил стопиран.

Од здруженијата алармираат дека за карциномот на дојка не треба да се зборува само во октомври, месец посветен на борбата со болеста, туку преку целата година, бидејќи податоците на Центарот за јавно здравје укажуваат дека има тренд на пораст на смртноста кај овие пациенти. Минатата година од карцином на дојка во државата починале 346 жени.