Дванаесет лица загинаа, меѓу кои жени и деца, а 20 се повредени во воздушните напади изведени рано утринава во Газа од страна на израелската војска, заедно со израелската служба за внатрешна безбедност Шин Бет.
Бројот на загинати го соопшти Министерството за здравство во Газа.
Преку соопштение, бригадите Ал Кудс, вооруженото крило на движењето Исламски џихад, истакнаа дека во нападите загинале тројца членови на неговото раководство и нивните сопруги и деца.
Меѓу нив биле и високиот лидер на движењето Тарек Иззелдин, командантот Халил Бахитини и Џахед Ахнам, генералниот секретар на воениот совет.
Движењето изрази жалење поради смртта на своите членови.
Во соопштението, портпаролот на Исламски џихад, Тарик Силми, истакна дека „сите
опции и сценарија се отворени за силите на отпорот како одговор на злосторствата на окупаторските сили“.
„Отпорот нема да престане додека не заврши окупацијата“, порача Силми, додавајќи дека тие „ќе ги одмаздат лидерите“.
Лидерот на движењето Хамас, Исмаил Ханије, ја повтори изјавата на Силми, нагласувајќи дека Израел направил грешка во својата операција и дека ќе ја плати цената.
„Убиството на лидерите преку предавничка операција нема да обезбеди сигурност за самата окупација (за Израел). Напротив, додатно ќе го зголеми отпорот“, рече Ханије, пренесе ТРТ БАЛКАН.
Претходно армијата ја најави операцијата „Штит и стрела“ откако започна воздушни напади врз цели на Исламски џихад во Појасот Газа. Соопшти дека целта е раководството на движењето.