Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен денеска изјави дека нема да се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, откако шефот на ОН го критикуваше израелското бомбардирање на Газа.
„Нема да се сретнам со генералниот секретар на ОН. По масакрот на 7 октомври нема простор за балансиран пристап. Хамас мора да се избрише од лицето на планетата!“, објави денеска Коен на социјалните мрежи.
I will not meet with the UN Secretary-General. After the October 7th massacre, there is no place for a balanced approach. Hamas must be erased off the face of the planet!
— אלי כהן | Eli Cohen (@elicoh1) October 24, 2023
Што рече шефот на ОН?
Во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН во Њујорк, Гутереш денеска изјави дека е „длабоко загрижен поради јасното прекршување на меѓународното хуманитарно право на кои сме сведоци во Газа“. „Заштита на цивилите не значи да се нареди повеќе од милион луѓе да се евакуираат на југ, каде што нема засолниште, храна, вода, лекови или гориво, а потоа да продолжи со бомбардирањето на самиот југ“, рече Гутереш, додавајќи:
„Да бидам јасен: ниту една страна во вооружениот конфликт не е над меѓународното хуманитарно право“.
Во истиот говор Гутереш рече дека „поплаките на палестинскиот народ не можат да ги оправдаат страшните напади на Хамас, а овие страшни напади не можат да го оправдаат колективното казнување на палестинскиот народ“.
Коен, кој исто така беше присутен во салата, му одговори на Гутереш: „Во каков свет живееш? Тоа дефинитивно не е наш свет“. Амбасадорот на Израел во Обединетите нации, Гилад Ердан, го повика Гутереш „веднаш да поднесе оставка“ по неговите изјави. Ердан, пишувајќи на социјалните мрежи, рече дека Гутереш „не е способен да ги води ОН“.