Украинските вооружени сили кои го бранат Бахмут се под зголемен притисок од страна на руските воени сили, објави во саботата воено разузнавање на Велика Британија, додавајќи дека борбите се интензивираат во и околу градот.
Украина испраќа елитни трупи во областа, додека редовната руска армија и силите на платеничката група Вагнер се пикаат се подлабоко во северните предградија на Бахмут, град во источна Украина, објави Министерството за одбрана на Велика Британија во својот редовен билтен.
Генералштабот на вооружените сили на Украина објави на социјалната мрежа Фејсбук во саботата дека руските војници се обидуваат, но не успеваат да го опколат Бахмут, додавајќи дека бранителите одбиле бројни напади во и околу градот.
Битката трае веќе седум месеци, а руската победа во целосно уништениот град, кој пред војната имаше 70.000 жители, ќе биде првиот голем триумф на Москва во скапата зимска офанзива.
Истакнатиот украински воен аналитичар Олех Жданов изјави во саботата вечерта дека не гледа знаци дека Киев ќе нареди повлекување од градот.
„Во моментов ситуацијата е повеќе или помалку стабилна. Кога станува збор за напредувањето на руските воени сили, ние практично тоа го запревме“, изјави тој во интервјуто објавено на социјалната мрежа Јутјуб.
Министерството за одбрана на Велика Британија извести дека два клучни моста во Бахмут биле уништени во последните 36 часа, додавајќи дека Украинците држат сè помалку рути за снабдување.
Еден од овие мостови го поврзува Бахмут со последната рута за снабдување од градот Часив Јар, кој е под контрола на Украина и се наоѓа на околу 13 километри западно, се додава во извештајот.
Во петокот, руската артилерија ги гаѓаше последните излезни патишта од Бахмут, со цел целосно да го опколи градот и да ја приближи Москва до првата голема победа во војната во последните шест месеци.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека руските напади биле спречени и одбиени во селата Васјукивка, Орихово-Василивка, Дубово-Василивка и Хрикоривка, кои се наоѓаат северно од центарот на Бахмут.
Русија тврди дека Бахмут ќе биде отскочна даска во освојувањето на индустрискиот регион Донбас, една од најважните руски цели.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го опиша Бахмут како „тврдина“, во саботата преку видео порака им се заблагодари на бранителите на градот, но не даде детали за борбите и ситуацијата на теренот.