Амбасадорот на Европската унија во Судан бил нападнат во неговиот дом во Картум, соопшти првиот човек на европската дипломатија, Жозеп Борел, објави BBC.
Жозеп Борел не открил детали за нападот, ниту дали амбасадорот е повреден.
„Безбедноста на дипломатските простории и персоналот е примарна одговорност на суданските власти и обврските според меѓународното право“, изјавил Жозеп Борел, кој не го именувал амбасадорот на ЕУ во Судан, иако тоа е ирскиот дипломат Ајдан О’Хара.
Двете завојувани страни во Судан во понеделникот тврдеа дека имаат придобивки бидејќи продолжувањето на борбите го прекина снабдувањето со вода и електрична енергија во главниот град, а специјалниот претставник на Обединетите нации во земјата соопшти дека противниците не покажале дека се подготвени да преговараат и да стават крај на немирите и хаосто.
„Најмалку 185 луѓе загинаа, а повеќе од 18.000 се повредени во судирите меѓу суданската регуларна Армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ)“, изјави специјалниот претставник на ОН, Фолкер Пертес, во услови на воздушни напади и борби во Картум и судири низ целата земја.
Смртоносната борба за власт спречи транзиција од воена хунта во цивилна Влада и ги зголеми стравувањата од проширување на конфликтот.
Чад се надвил над главниот град, а жителите биле сведоци на звуци од воздушни напади, артилериски оган и пукотници кои ги затвориле градските болници во бруталното насилство.
„Двете завојувани страни не се однесуваат како да сакаат посредување токму сега за да остварат мир меѓу нив“, им рекол Фолкер Пертес на новинарите преку видео врска од Картум.
Тој додал дека противниците се согласиле на тричасовно хуманитарно примирје.
Борбите, сепак, продолжуваат втор ден по ред и покрај ветувањата за смирување на конфликтот, според информациите на новинарите на телевизиите Al Jazeera и Al Arabiya во главниот град.
Борбите што беснеат од саботата во Картум и неговите соседни градови Омдурман и Бахрија се најлоши во последните децении и би можеле да го поделат Судан меѓу две воени групи кои ја поделија власта за време на нестабилната политичка транзиција.