Кина одби да дозволи посета на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, тврдејќи дека официјален Пекинг не е подготвен повторно да ја организира посетата на Ентони Блинкен, откако тој ненадејно ја откажа посетата на Кина во месец февруари.
Ентони Блинкен на почетокот на неделава кажа дека посетата на Кина ќе се случи „кога ќе има соодветни услови“ и додаде дека целта не е да се започне „студена војна“ со Кина.
Како што пишува Financial Times (FT), кинеските власти се загрижени дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден би можела да го објави извештајот на Федералното Биро за Истраги (ФБИ) за соборениот кинески балон, со физички докази и дека наодите би можеле да бидат објавени за време на посетата на Ентони Блинкен на Кина.
ФБИ и Националниот совет за безбедност на САД одбија да кажат дали резултатите од истрагата ќе бидат јавно објавени за сите.
Министерот за надворешни работи на Кина, Чин Ганг, го покрена ова прашање со Американците кои присуствуваа на форумот за развој на Кина во Пекинг минатиот месец, а ова го потврдиле три лица запознаени со настанот за весникот.
Чин Гангја опиша истрагата на ФБИ како уште еден проблем што го отежнува стабилизирањето на односите меѓу САД и Кина.
Прашањето предизвика поделеност во администрацијата на Џо Бајден, при што некои функционери побараа да се декласифицираат доказите и да се објават за да се докаже дека балонот вршел извидување, пишува FT.
Американскиот Конгрес најверојатно ќе побара јавно да се објават резултатите од истрагата на ФБИ.
Сепак, друга струја во американската администрација тврди дека објавувањето на информациите би ги попречило напорите за рестартирање на многу потребниот ангажман на високо ниво меѓу Вашингтон и Пекинг, во време кога односите меѓу двете земји се на најниско ниво од воспоставувањето на дипломатските односи во 1979 година.