Стејт департментот на Соединетите Американски Држави (САД) бара итно и безусловно ослободување на 1.500 политички затвореници во Белорусија.
Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, денес соопшти дека САД вовеле санкции против Белорусија, кои се однесуваат на поединци и субјекти кои, како што се наведува, овозможуваат репресија на претседателот Александар Лукашенко и руската војна против Украина.
„Денеска се навршуваат три години од лажните претседателски избори во Белорусија и потиснувањето на барањата на белорускиот народ за слобода од режимот на Александар Лукашенко. САД продолжуваат да стојат со храбриот народ на Белорусија додека бараат земја заснована на владеење на правото, почитување на човековите права и одговорна, демократски избрана Влада“, се вели во соопштението на американскиот државен секретар.
На санкционираната листа има осум физички лица и пет субјекти, а дополнително се воведуваат визни ограничувања за 101 службеник и нивни соработници поради поткопување или нанесување штета на демократските институции во Белорусија.
Стејт департментот исто така бара итно и безусловно ослободување на 1.500 политички затвореници од оваа земја.
На претседателските избори одржани во август 2020 година, за Александар Лукашенко гласаа повеќе од 4,6 милиони граѓани на Белорусија, односно 81,04 отсто од гласачите, но треба да се напомене дека речиси сите демократски земји во светот ги оспорија овие избори, а земјата остана изолирана на меѓународната сцена.