Жителите на Речица се револтирани зошто токму кај нив се закопуваат угинатите свињи од африканска чума. Тие денеска кажаа за нив проблем е зошто од друго село се носат свињи во близина на нивното село.
– И нас ни беше одземена стоката лани, заради истата причина, но беа однесени на соодветно место. А сега од фарма од друг село Тромеѓа се носат кај нас, сакаме да добиеме образложение зошто е тоа така. Кризен штаб беше вчера, а свињите се копаат тука веќе четврти ден. Има најмалку четири дупки со свињи. Не е запазен предвидениот начина на заштита, немаше средство за дезинфекција, кажа Милош Станојковиќ.
Тие велат дека се револтирани од односот на стручните од АХВ и од општината.
– Ние гледаме во Хрвастка како беше за оваа состојба. Неколку дена имаше повеќе тури со угинати свињи. Течеше крв од животните. Никој не нè слуша и не ги разгледува нашите барања, тука да не се закопуваат. Општината овде има само 2.000 метри квадратни, кажа Жика Стојановски, жител.
Жителите нема да отстапат, најавија протести и по празниците. Додаваат дека имало туркање со полицијата.
Со АХВ единствено се согласуваат дека површината е под Режановце, ама реално е многу поблиску до нивното село. Вчера АХВ соопшти дека нема сознанија зошто се бунат жителите на кумановското село Речица, бидејќи, инспекциските служби на АХВ воопшто немале активности таму.
– Закопувањето на угинатите животни од африканска чума кај свињите и депопулираните свињи од фармата во село Тромеѓа, каде неодамна од оваа болест, од 660 животни угинаа 60 свињи се врши на локација во село Режановце која за оваа намена е одредена од страна на локалната самоуправа, велат од АХВ.
По последниот случај во село Тромеѓа, засега состојбата со болеста во Кумановско е стабилна, односно нема појава на нови жаришта. Во заштитната и зоната под надзор во тек е спроведување на активности за ставање под контрола и ерадикација на болеста.
Општинскиот штаб за заштита и спасување Куманово вчера одржа состанок во просториите на Општината заради појавата на болеста африканска чума кај свињите во општината и донесоа повеќе заклучоци, меѓу нив АХВ да обезбеди заштитни мерки при транспорт на угинатите животни, јавните претпријатија да пружат логистичка поддршка, СВР Куманово да асистира, сите институции да преземат мерки за сузбивање на болеста. Од општината наведуваат дека локациите кои биле посочени од АХВ како соодветни за закоп на угинати и убиени животни согласно нивните важечки правилници, а за кои Општина Куманово доставила барање за мислење до надлежни институции и добила позитивно мислење од Агенција за храна и ветеринарство, да се користат за закоп на угинати животни. Оттаму наведоа дека Куманово, преку службите ќе треба да утврди нови предлог-локации за кои ќе спроведе постапка за утврдување на нови локации за закоп на угинати животни при евентуална појава на друго жариште.
Инаку, вечра АХВ потврди дека во кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи. Лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје покажаа присуство на болеста африканска чума кај свињите во одгледувалиште во село Тромеѓа. Во ова село и во населбата Карпош е заштитна зона е во радиус од три километри, додека во повеќе села во радиус од десет километри Карабичане, Табановце, Четирице, Горно Коњаре, Долно Коњаре, Речица, Режановце, Лопате, Бедиње, Клечовце, Проевце, Љубодраг, Шупљи Камен, Черкези, Зубовце, Романовце, Бељановце, Доброшане и градот Куманово во Општина Куманово, Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Никуљане во општина Старо Нагоричане, Ваксинце и Опае во Општина Липково е зона под надзор.
Од 27 декември, лани затворен беше и добиточниот пазар во Долно Којнаре.