– Жителите на село Драгоево кои живеат на само три километри од фабриката „САНС АГ“ која гори гуми за да произведе течно гориво велат дека додека работела фабриката им го загадувала воздухот. Миланчо Томов жител на село Драгоево вели дека 60 жители, кои живеат во селото неколку години до општината реагирале и барале да се затвори фабриката. Одговорите на надлежните биле дека работи согласно Законот. Томов посочува дека оваа фабрика веќе една година не работи.
-Тоа е опасна работа, кога работи фабриката, особено кога дува северот, тука не можеш да живееш. Навистина е опасна работа смрди многу. На што смрди, па на изгорени гуми, плин, а па да отидеме кај фабриката, дрвјата се цели црни. И ние реагираме, ама како што знам и НАТО реагира и оттогаш веќе една година не работи, вели Томов.
Фабриката САНС АГ се наоѓа кај стрелиштето Пенуш, до неа се пристигнува по макадам, кој продолжува и до воениот полигон Криволак. Жителите на штипските села Драгоево, Софилари и Пенуш се занимаваат со одгледување на житни култури и сточарство. Во текот на вчерашниот ден до општина Штип пристигна извештајот и барањето за одземање на Б-интегрираната дозвола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, во кое наведува дека инспекциски надзор е извршен на 6 февруари од страна на државен и општински инспектор за животна средина.
Инспекторите откриле неправилности и кај Б-интегрираната дозвола на САНС-АГ, зашто е издадена на парцела предвидена за пасиште и дека е без гранични вредности за емисии во воздухот. Градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов утре на оваа тема ќе даде изјава.