Жители на Прилепско ги блокираа камионите на „Бехтел и Енка“ дојдени со бројна полиција

Нова блокада на пат во Прилепско, кој жителите на областа и активисти претходно го блокираа со месеци, се случи спонтано денес откако биле забележани камиони на „Бехтел и Енка“ во обид да влезат на стариот коп, кој беше спорен во 2024 година.

Откако камионите утрово дошле со бројна полициска придружба, по само еден час полицијата ги придружувала надвор од местото. Жителите на селото Ореовец и активистите велат дека станува збор за „повторен напад од државата и ‘Бехтел и Енка’ врз Прилеп за отворање на нови рудници за мермер“ и за утре најавуваат нова блокада од 7 часот наутро.

“Утрово во 07:00ч. жителите на село Оревоец – Прилеп, на раскрсницата за село Плетвар, за нивно чудо по 9 месеци повторно наидоа на неколку камиони и службени возила на „Бехтел и Енка“ со придружба на БРОЈНА ПОЛИЦИЈА. Со силно полициско обезбедување се обидоа да влезат на стариот коп кој го отпочнаа во февруари 2024 година, од каде беа избркани после ТЕШКА ДЕВЕТ МЕСЕЧНА БЛОКАДА на патот, кој води кон планината кај копот од страна на граѓаните на град Прилеп. Со овој потег прилепчани покажаа како се брани својата земја и како човечката упорност дава резултати.

Со оваа добиена битка покажаа дека СИЛАТА Е ВО НАРОДОТ и за судбината на своите домови, планини, воздух, реки, извори за вода ОДЛУЧУВА НАРОДОТ без разлика на тоа кој какви печати, одобренија и потписи раздал за истото. После добиената битка, утрово повторен напад од државата и „Бехтел и Енка“ врз Прилеп за отворање на нови рудници за мермер

Војната продолжува – покажа државата… и нека. Народот повторно се организира и ќе застане на линијата за одбрана.

Само два дена по локалните избори државата си зема за право да прави бесправни и погубни потези за град Прилеп, но и овој пат народот ќе покаже дека за својата судбина ќе одлучуваат само граѓаните и никој друг! РУДНИЦИ НЕМА ДА ИМА! Ние сме МНОГУ – тие се МАЛКУ!!

Се гледаме утре (23.10.2025) на блокада во 07:00“, пишуваат активистите во објава на социјалните мрежи.