Жител од струшко Велешта е обвинет за производство и дистрибуција на детска порнографија

Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Струга по завршување на истражната постапка донесе решение и поднесе обвинителен акт против 38-годишен маж од село Велеште за сторено кривично дело – Производство и пуштање во промет на детска порнографија од член 193 став 1 и став 2 во врска со став 3 од Кривичниот законик. Тој е обвинет за континуирано извршување на кривично дело, бидејќи во периодот од ноември минатата година до мај годинава преку компјутерски систем пренесувал, нудел и на друг начин ставал на располагање детска порнографија, соопштија денеска од Јавното обвинителство.

На неговите два мобилни телефони, преку инсталираните апликации за комуникација – Фејсбук, Вибер, ВатсАп, Телеграм и други, како што е соопштено, обвинетиот се придружувал на затворени групи со членови од повеќе земји од светот. Во групите, чии имиња укажуваа дека имаат за цел да шират детска порнографија, но и во директна комуникација со приватни профили, обвинетите дистрибуирале, испраќале и добивале фотографии и видеа од материјали на кои јасно се гледале сексуални дејствија со малолетници или лица кои личат на малолетници. Тој, исто така, имал видеа и фотографии на кои се прикажува детска порнографија на неговите мобилни телефони и тие биле пронајдени кога му биле одземени телефоните за време на рацијата.

Јавниот обвинител до Основниот суд Струга достави и посебен предлог со кој побара на обвинетиот да му се продолжи притворот, како и да му бидат одземени мобилните телефони како средство за извршување на кривичното дело.