Првиот човек за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, денеска изјави дека Унијата ќе ја зголеми воената помош за Украина, откако американскиот Конгрес доцна синоќа усвои привремен закон за финансирање во кој не се споменува помош за Украина.
Жозеп Борел на прес-конференција за време на неговата посета на Киев кажа дека за време на егзистенцијална закана за Европа, ЕУ сака да ја зголеми воената помош за Украина. Тој го изјави ова по неговата прва средба со украинскиот министер за одбрана Рустемов Умеров, кој беше назначен минатиот месец.
„Да почекаме и да видиме што ќе се случи во САД, но од наша страна ќе продолжиме да ја поддржуваме и да ја зголемуваме нашата поддршка“, вели Жозеп Борел, на прашањето за гласањето во Вашингтон.
„Украинците се борат со сета своја храброст и капацитет“, вели тој и додава: „Ако ЕУ сака тие да бидат поуспешни, мораме да им дадеме подобро и поголемо оружје“.
Во изјавата објавена на X (Твитер), Жозеп Борел кажа дека Унијата се подготвува за долгорочни безбедносни обврски кон Украина. Тој на прес-конференција кажа дека се надева оти земјите-членки ќе донесат одлука за зголемување на помошта пред крајот на годината.