„НАТО не може да биде воен сојуз кој зависи од расположението на претседателот на САД“, посочи денес високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел, во врска со изјавата на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, дека нема да ги заштити земјите кои не ги плаќаат своите обврски кон НАТО и дека ќе ја охрабри Русија да ги нападне.
Во пресрет на состанокот на министрите за развој на ЕУ, Жозеп Борел, запрашан да ја коментира изјавата на Донлад Трамп, кажа дека – „НАТО не може да биде ‘а ла карт’ воен сојуз кој зависи од расположението на претседателот на САД“, пренесува медиумската агенција Reuters.
Зборувајќи за Агенцијата на ОН за помош и работа за Палестинците (УНРВА), Жозеп Борел посочи дека мора да биде во можност да продолжи да работи додека се истражува можната вмешаност на некои од нејзините 13.000 вработени во нападот на Хамас на 7. октомври во јужен Израел.
„Никој друг не може да го направи тоа што го може УНРВА, треба да се проверат наводите… да почекаме да се спроведе истрагата. Во меѓувреме луѓето мора да јадат и да посетуваат доктор“, изјави Жозеп Борел.