Одржувањето на слободата на пловидба во Црвеното Море е од витално значење за слободниот тек на глобалната трговија и регионалната безбедност, наведува високиот претставник на ЕУ во писмената изјава по повод усвојувањето на Резолуцијата 2722 на Советот за безбедност на Обединетите нации со која, како што вели – „остро се осудуваат нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море“.
Како што соопшти доцна синоќа Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Жозеп Борел во изјавата нагласува дека со Резолуцијата се потсетува дека државите имаат право да ги бранат своите бродови од овие напади во согласност со меѓународното право.
„ЕУ го повторува барањето на Советот за безбедност на ОН веднаш да престанат овие напади, кои ја попречуваат глобалната трговија и ги поткопуваат навигациските права, како и регионалниот мир и безбедност“, наведува Жозеп Борел.
Тој во изјавата потенцира дека ЕУ бара воздржаност од Хутите за да се избегне понатамошна ескалација на состојбите во Црвеното Море и во поширокиот регион.
„Во овој контекст, ЕУ потсетува на обврската на сите држави да го почитуваат ембаргото за оружје според Резолуцијата 2216 (2015) на Советот за безбедност на ОН. ЕУ ќе продолжи да придонесува за регионалната стабилност“, додава Жозеп Борел во писмената изјава.