Европската унија работи на подготовките за воведување санкции против членовите на хунтата која ја презеде власта во Нигер минатиот месец, објави денес високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
„При одлучувањето за санкциите, ЕУ ќе се обиде да ги ископира мерките преземени од ЕКОВАС (Економска организација на западноафриканските земји)“, изјави Жозеп Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за одбрана на Европската унија во Толедо, Шпанија, пренесе медиумската агенција Reuters.
Тој додаде дека утре на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ ќе предложи формирање правна рамка за воведување санкции за одговорните за државниот удар.
На прашањето дали Европската унија ќе обезбеди финансиска поддршка доколку ЕКОВАС започне воена интервенција во Нигер, Жозеп Борел вели дека блокот ќе го разгледа секое барање, но нема автоматски да го одобри.
Првиот човек на европската дипломатија посочи дека државниот удар во Нигер донесе нова нестабилност во регионот Сахел во Западна и Централна Африка, кој, според него, е веќе многу кревок.
Зборувајќи за присуството на руската платеничка група Вагнер во Африка, Жозеп Борел кажа дека и покрај неодамнешната смрт на нејзиниот основач Евгениј Пригожин, групата ќе остане активна на континентот.
„Сигурен сум дека брзо ќе најдат замена за покојниот водач на Вагнер. Тие ќе останат оперативни во Африка“, вели Жозеп Борел, додавајќи дека Москва не може да испрати регуларна војска бидејќи тоа би било премногу страшно.