Германските власти денеска извршија рација во десетици локации низ земјата, откако министерката за внатрешни работи Ненси Фезер го забрани дејствувањето на десничарска екстремистичка група обвинета за ширење нацистичка идеологија.
Рано изутринава е претресен штабот на групата „Артгемајнсшафт“, како и 26 куќи на 39 членови на оваа организација во 12 сојузни држави, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„Ова е уште еден тежок удар за десничарскиот екстремизам и идеолошките пиромани кои и денеска продолжуваат да ја шират нацистичката идеологија. Оваа десничарска екстремистичка група се обиде да регрутира нови непријатели на Уставот со својата одвратна индоктринација на деца и млади“, рече Фезер.
Германските власти овој месец забранија уште една неонацистичка група, „Хамерскинс Дојчланд“ со корени во САД. По истрагата во соработка со американски официјални лица која траеше повеќе од една година, германската полиција упадна во домовите на 28 членови на групата.