Литванскиот парламент денеска на последната седница од актуелното свикување ги усвои измените на Законот за игрите на среќа, со кои во преодниот период целосно ќе се забрани рекламирањето на коцкање во Литванија.
Проектот го поддржаа 73 членови на литванскиот Сејм, немаше гласови „против“, а еден пратеник беше воздржан, јавува литванскиот јавен сервис ЛРТ.
„Да ги погледнеме сите форми на зависност подеднакво. Како што парламентот забрани рекламирање на тутун или алкохол во претходните мандати, коцкањето е истата форма на зависност, ако не и посложена“, Миндаугас Линге, еден од главните иницијатори на забрана, рече пред гласањето.
Минатата недела овој предлог закон беше симнат од дневен ред на седницата со образложение дека се уште не се решени прашањата за финансирање на рекламирањето во сферата на медиумите и спортот.
По гласањето, литванската премиерка Ингрида Шимонита им се заблагодари на пратениците кои го поддржаа овој закон.
До крајот на 2027 година ќе може да се емитуваат реклами на телевизија, радио и на интернет, но во времетраење не подолго од 15 секунди и најмногу три пати на час во периодот од 06:00 до 18:00 часот.