Работите на автопатот Кичево – Охрид значително се забрзуваат, а на терен веќе се забележуваат активности како поставување на заштитна ограда и исцртување на хоризонталната сигнализација.
Овој проект, кој се чека повеќе од една деценија, наскоро ќе биде делумно пуштен во употреба, потврди вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, во гостување на телевизија Сител.
„Дадениот збор се исполнува! И покрај бројните предизвици, активно работиме на нивно решавање. Во подготовка се законски измени кои ќе ја олеснат изградбата на автопатот. Тие ќе бидат разгледани на владина седница, а потоа и во Собранието. Нашата цел е пред почетокот на летната сезона да пуштиме во употреба 40 километри од трасата“, изјави Николоски.
Делницата која ќе биде пуштена го опфаќа патниот правец од селото Врбјани до Охрид, со исклучок на потегот кај селото Ботун, каде што има предизвици со стабилноста на косините. Автопатот со вкупна должина од 57 километри значително ќе го скрати времето на патување меѓу Кичево и Охрид.