Заврши посетата на Син Џинпинг на Москва

Кинескиот претседател Си Џинпинг ја заврши државната посета на Москва и утрово ја напушти Русија.

Неговиот авион полета од московскиот аеродром Внуково-2 по преполната дводневна програма разговори со рускиот претседател Владимир Путин. Русија е првата земја што Си ја посети по неговиот реизбор за трет мандат во Кинескиот национален народен конгрес (парламент) на 10 март.

Пред заминувањето на кинескиот претседател, на аеродромот се одржа церемонија на која беа подигнати кинеското и руското знаме и воен оркестар ги свиреше националните химни на двете земји.  

Државната посета на Си Џинпинг на Русија почна во понеделникот. На неформалниот состанок со Путин, кинескиот лидер го покани својот руски колега оваа година да ја посети Кина. По разговорите на високо ниво беше објавено заедничко соопштение за продлабочување на сеопфатното партнерство и стратешката интеракција кои влегуваат во нова ера.