Загинал пензионер од Неготино на автопатот кон Скопје, кога пензионери застанале на пауза одејќи на протест во главниот град. Оваа информација ја потврди за МИА, Ката Апостолова, од иницијативниот одбор на неготински пензионери.
– За жал, точно е, да. Одејќи кон Скопје, дел од нас побара пауза за тоалет. Застанавме на голем паркинг пред Катланово. Како беше, што беше, изгледа по грешка, мало невнимание, наместо како сите десно, тој тргнал лево и беше удрен од возило на автопатот. Дојдоа брза помош, полиција, обвинител, на лице место беше констатирана смрт. Беше однесен од погребална служба, а ние другите се враќаме назад, рече Апостолова, нагласувајќи дека сите пензионери се вознемирени по настанот.
Еден автобус пензионери од Неготино денеска тргнал на протест. Оваа фотографија е направена за време на патувањето, пред трагичниот настан.
Ристе Самарџиев, портпарол на СВР Велес, засега само потврди за МИА, дека имало сообраќајка со еден загинат.