ЗАГИНАТИ СЕДУМ НОВОРОДЕНЧИЊА: Страшен пожар ја зафати болницата, полицијата соопшти дека сопственикот е во бегство (ФОТО, ВИДЕО)

Седум новороденчиња загинаа во пожар во болница во Њу Делхи, соопштија локалните индиски власти.

Од противпожарната служба соопштија дека уште шест деца се спасени и префрлени во друга болница, а едно е на вентилатор. Пожарот потоа е ставен под контрола.

На телевизиските снимки се гледа како пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот кој избувна доцна синоќа и зафати болница во источниот дел на градот.

Сопственикот на болницата побегнал, соопшти полицијата во главниот град на Индија.

Во тек е истрага за причините за пожарот.

Новата трагедија се случи еден ден откако 27 лица загинаа во пожар во забавен парк во западната држава Гуџарат.

Локалните медиуми јавија дека во врска со тој настан се приведени две лица.