Заедничка европска иницијатива за намалување на цените на електричната енергија преземаат Грција, Бугарија и Романија со цел да се создаде постојан механизам за интервенција, секогаш кога ќе се забележат екстремни цени, што се должат на отсеченоста на Југоисточна Европа од остатокот од европскиот енергетски пазар, соопшти министерот за животна средина и енергетика на Грција Тодорос Скилакакис.
Скилакакис во интервју за грчко радио, објасни дека проблемот е поради тоа што не постојат доволни меѓусебни поврзување преку кабли со што се создава „енергетски остров“ во регионот.
-Се случува следниот парадокс: Нема доволно меѓусебни конектори за пренос на струја од централноевропскиот пазар во југоисточниот. Тоа резултира со екстремни цени во некои денови, што според нашето мислење не може да бидат прифатени и во овој посебен случај, проблематично е и функционирањето на таканаречениот таргет модел, рече Скилакакис.
За конкретното прашање, како што соопштија од Министерството за животна средина и енергетика на Грција, Скилакакис разговарал и со германскиот министер за економски и климатски прашања на Германија, Роберт Хабек, на нивната средба на маргините на Меѓународниот саем во Солун, каде што Германија е почесна земја.