Со наметнувањето на најавениот солидарен данок, повеќе ќе бидат погодени бизнисмените кои решиле да инвестираат во време на криза. Ќе бидат погодени и акционерите. Бизнис заедницата смета дека треба да има измени во предложениот текст на Законот за солидарност кој пред повеќе од еден месец беше доставен до Собранието.
„Менаџерите најчесто прават финансиски планови, предвидуваат раст и развој на компаниите и не очекуваат вакви необични активности. Во овој случај ќе бидат засегнати многу компании, особено сметководствениот сектор да докаже колку треба да се плати и како треба да се плати. А зошто тие што вложиле повеќе платиле повеќе“, рече Ромео Костадинов, претседател на Комората на сметководители.
Во меѓувреме, од Стопанската комора, каде членуваат најголемите компании кои главно се ориентирани кон извоз, велат дека законското решение е донесено доцна, не се почитувал даночниот календар, па компаниите тој трошок не го внеле во своите биланси. Бизнис заедницата смета дека ваквото решение може да се избегне со образложение дека парите што би се собрале на овој начин може да се обезбедат на друг начин.
„Консултирани сме од Владата, во некои случаи сме имале сериозни забелешки за критериумите, па тие се изменети и адаптирани, но сметаме и дека ова решение можеше да се избегне“, велат од Стопанската комора.
Заедничкиот предлог-закон за даноци е во Собрание повеќе од еден месец. Не е ставен на дневен ред бидејќи опозициската ВМРО ДПМНЕ сака да организира јавни дебати на кои ќе учествуваат сите заинтересирани.
Планот на Владата е сите компании кои лани заработиле над 10 милиони евра и го надминуваат просекот од претходните четири години, да плаќаат дополнителен данок на државата и парите да се искористат за дополнително надминување на енергетската криза.