Закочил воланот, затоа автобусот на ЈСП заврши на жардиниера

Блокирал, односно се закочил воланот на автобусот на ЈСП со број „2“, кој вчера заврши поткаќен со едното тркало на средишната жардиниера, кај „Мавровка3, а притоа повредени беа возачот и една патничка.

Денеска, на прес-конференција возачот Ферзи Арифи тврдеше дека автобусите кои им ги даваат да ги возат се неисправни. Иако, возачите постојано пријавуваат дефекти, тие не се поправаат, туку само им се даваат на други возачи да ги возат.

Конкретниот автобус бил пријавен за неисправен, а пред неколку дена возел и на Водно.

Од Конфедерацијата на синдикални организации, тврдат дека раководството на ЈСП е виновно за инцидентот на автобусот кај „Мавровка“ бидејќи не ги сервисира автобусите и на тој начин ги доведува во опасност вработените.

-Инцидентот вчера се се случи бидејќи не бил исправен воланот, се закочил и благодарение на присебноста и искуството на возачот не дојде до поголема несреќа. За овој автобус како и за други се пријавувало дека се неисправни, но не се сервисираат. Замислете, овој автобус пред неколку дена возел до Водно“, рече претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) Марјан Ристески.

Возачот Ферзи Арифи кој беше повреден откако вчера автобус на линијата „2“ се качи кај жардинерите близу трговскиот центар „Мавровка“ вели дека постојано возат неисправни автобуси.

-Ни даваат да возиме неисправни автобуси, се закочи воланот – тврди Арифи. Тој вели дека рутата на „2-ка“ ја знае напамет и не би се случил таков инцидент, доколку автобусот бил исправен.

Новиот директор на ЈСП Драги Кушовски, ги обвини за ширење шпекулации, ги демантира овие тврдења и потоа побара да приложат извештај во кој пишува дека автобусот е неисправен.