– Украинските сили се ограничени во контраофанзивата поради недостиг на вооружување, особено борбени авиони, изјави началникот на генералшабот на вооружените сили на Украина, Валериј Залужни. Во интервју за Вашингтон пост тој ги критикуваше обвинувањата од западните официјални лица дека Киев бавно напредува против Русија, нагласувајќи дека Западот е премногу бавен во испораката на оружје и опрема на Украина.
– За да се одвива побрзо украинската офанзива потребно е повеќе и поразновидно оружје. За да се справува со руските воздухопловни сили, на Украина и требаат ветените борбени авиони Ф-16 што е можно поскоро. Тие никогаш не би почнале офанзива без воздушна супериорност, а го очекуваат тоа од Украина, истакна Залужни
Украинскиот генерал нагласи дека недостига и артилерија со која украинските сили можат да се спротивстават на масовното руско гранатирање.
– Украина би требало да истрелува барем толку гранати како и Русија, но во реалноста тој број е десетпати помал поради ограничените ресурси, вели Залужни.
Тој посочи дека е во постојан контакт со западните партнери, но оти одлуките мора да се носат побргу.
– Очигледно е дека многу луѓе умираат секој ден додека се носат одлуки. Едноставно затоа што одлуките не се носат веднаш, изјави Залужни.