Активисти на Социјалдемократската партија на Косово (ПДС) фрлија чоколадна торта и милкшејк кон Бесник Бислими, вицепремиерот на Косово задолжен за дијалог со официјален Белград, пишува хрватскиот весник Jutarnji list.
Џемајл Реџа на социјалната мрежа Твитер објави видео од „нападот“ на кое се гледаат активисти како фрлаат парчиња торта и милкшејкови кон Бислими пред влезот на една зграда додека извикуваат – „Честитки за Заедницата на српските општини“.
„Торта и милкшејк за ‘Заедницата’. Тие што го прифатија се радуваат! А ние, граѓаните на Косово, ќе се спротивставиме и масовно ќе бараме нивна оставка“, му порачаа активистите.
Бесник Бислими е вицепремиерот на Косово, заменик на Албин Курти, и еден од водечките луѓе на косовската страна во преговорите меѓу Приштина и Белград.
На маса е германско-францускиот предлог за решение на косовското прашање, а во него меѓу другото е вклучено и формирање Заедница на српски општини, на што Косовците остро се противат.
Со овој чин граѓаните на најмладата европска земја јасно ставија до знаење што мислат за овој проект на меѓународната заедница.