Министерот за економија Крешник Бектеши денеска соошти дека од утре ќе се замрзнат цените на тестенините и млечните производи. Со одлуката ќе бидат опфатени макароните, шпагетите, белото сирење, млекото, урдата,…
Според Бектеши, тестенините ќе поевтинат за најмалку десет проценти, додека во однос на млечните производи ќе се причека производителите до утре да се подготват зашто, како што рече, некои веќе и самите ги намалуваат цените.
Министерот најави дека за овие одлуки тој и премиерот Димитар Ковачевски најверојатно утре ќе одржат брифинг со новинарите.
„Најверојатно утре изутрина ќе има одлука за тестенините и млечните производи, со премиерот веројатно ќе одржиме брифинг со новинарите. Граѓаните да бидат спокојни, цените ќе бидат намалени не само на овие производи, ние во континуитет ќе продолжиме со сите производи каде анализите ќе покажат дека има поголеми профити или маржи од она што е редовно“, истакна министерот, одговорајќи на новинарски прашања по владиниот настан за грантот од ЕУ вреден 80 милиони евра.
Тој дополни и дека е во постојана комуникација со производителите на млечни производи, но и со производителите на тестенини.
Претходно, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари.