Големите поморски воени вежби на 14 земји-членки на НАТО, вклучително и САД, започнаа во саботата во Балтичкото Море под команда на Германија со демонстративна вежба на сила во контекст на руската агресија врз Украина.
Во вежбата „Northern Coasts 23“ учествуваат околу 30 бродови и подморници, 19 авиони и различни копнени единици, се вели во соопштението на германската морнарица во саботата.
„Повеќе од 3.200 војници ќе вежбаат за прв пат од почетокот на тие маневри во 2007 година според реално сценарио во рамките на одбраната на НАТО“, изјавил адмиралот на флотата Стефан Хаиш.
Во претходните години, вежбите првенствено ги подготвуваа војниците за спречување на пиратерија, терористички и шверцерски напади или за учество во меѓународни мисии.
„Руската агресија врз Украина радикално ја промени безбедносната ситуација на Балтикот“, вели портпаролот на НАТО, Дилан Вајт и додава: „Вежбите од овој тип испраќаат јасна порака. НАТО е подготвен да го брани секој сантиметар од сојузничката територија“.
Операциите, кои ќе траат до 23. септември, ќе се одвиваат главно во водите на Естонија и Латвија, вклучувајќи го поврзаниот копнен и воздушен простор, како и во источните и централните делови на Балтичкото Море.
Тие две членки на НАТО, кои некогаш беа дел од Советскиот Сојуз, се граничат со Русија.
Вежбите „Northern Coasts“ Германија ги започна во 2007 година, а годинава учествуваат Германија, САД, Франција, Италија, Финска, Естонија, Данска, Канада, Белгија, Литванија, Латвија, Холандија, Полска и Шведска.
Русија редовно спроведува воени вежби на Балтикот, последен пат во август.
Вежбите „Northern Coasts 23“ нема да се одржат во близина на Калининград, руската енклава меѓу Полска и Литванија, со цел да се избегне каква било провокација, соопшти германската морнарица.