Преговорите за украинскиот мировен план започнаа претходниот ден во Малта со учество на повеќе од 65 земји, но не и Русија, соопштија малтешките и украинските власти.
Дводневниот состанок на делегатите за национална безбедност е трет круг од ваквите разговори во последните месеци. Украина го гледа ова како можност да се добие поддршка за мировниот план од 10 точки на претседателот Володимир Зеленски, особено затоа што конфликтот на Блискиот Исток ризикува да го оддалечи фокусот од Украина.
Русија, која не беше поканета на ниту еден од состаноците, ја отфрли иницијативата како пристрасна.
Првиот човек на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак, во говорот на конференцијата кажа дека, бидејќи се повеќе и повеќе земји се вклучени во развојот на планот на Володимир Зеленски, Русија ќе мора да ѝ попушти на меѓународната заедница и да прифати заеднички услови, објавија странските медиуми.
„Украинските демократски напори ќе се исплатат, бидејќи меѓународната поддршка за украинската мировна формула расте“, напиша Андриј Јермак на својот профил на социјалната мрежа Х (Твитер).
Тој потоа прецизираше дека за време на викендот ќе се разговара за пет од 10-те точки од планот: нуклеарната и енергетската безбедност, безбедноста на храната, ослободувањето на воените заробеници и депортираните и обновувањето на територијалниот интегритет на Украина.
Во првичната рунда преговори во Копенхаген во јуни имаше само 15 учесници, додека во вториот круг во Џеда во август тој број се зголеми на 43.
Во своето воведно обраќање, министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, кажа дека големиот одѕив е гласање за доверба на Малта како посредник на мирот и ја повтори поддршката на неговата земја за Украина.