Започнува запишувањето на учениците од прво одделение за учебната 2024/25 година

Во основните училишта во земјава во месец мај ќе се врши пријавување на учениците од прво одделение.

Родителот или старателот е должен да го запише во основно училиште детето кое до крајот на календарската година ќе наполни шест години.

По исклучок, детето може да се запише во прво одделение доколку наполни шест години до 31 јануари следната година, по претходно барање од родителот, односно старателот и добиено мислење од педагогот или училишниот психолог.

Родителот или старателот има право да го запише детето во основното училиште во областа каде што живее или постојано престојува. Основното училиште е должно да вклучи ученици од своето подрачје.

На барање на родителот и доколку има согласност од училиштето, како и слободни места, детето може да се запише во училиште кое не е во неговото место на живеење.