Во обид да го ревитализира туризмот и локалната инфраструктура, Дојран ја започнува новата сезона со целосно обновен проект. Обезбедени средства од над 8 милиони денари одвои Бирото за рамномерен регионален развој за реконструкција на патеката која започнува од нов Дојран и се протега на над 5 километри покрај брегот на Дојранското езеро.
Проектот насловен „Дојран – медитерански скапоцен камен на југоисток“ има за цел да ја реконструира постојната патека, а истовремено да предвиди изградба на нова велосипедска патека покрај Дојранското езеро. Директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев, вели дека се очекува до средината на 2024 година регионот да биде збогатен со уште десет проекти што ги реализира центарот.
Покрај реконструкцијата на патеката, проектот опфаќа и обележување и расчистување на вегетацијата на работ на езерото. Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, вели дека проектот освен физички подобрувања, носи и нови содржини за туристите, вклучувајќи велосипеди и паметни уреди.
Со цел да се подобри искуството на туристите, со проектот се набавени 20 електрични велосипеди и паметни табли во рамки на иницијативата „Туризам – иднината на регионот“. Овие објекти ќе им бидат достапни на туристите, нудејќи нов и поинаков начин за истражување на убавините на Дојран и разбирање на културата и историјата на ова место богато со наследство.