Семејството на една постара жена од Еквадор останало шокирано кога неколку часа пред погребот откриле дека таа е сè уште жива.
Бела Монтоја (76) од Бабаџо била прогласена за мртва минатиот петок, но неколку часа пред погребот, роднините кои сакале да ја пресоблечат забележале дека старицата тешко дише во ковчегот.
Монтоја сега е повторно во болница на интензивна нега, а Министерството за здравство на Еквадор формираше комисија која ќе го истражи инцидентот.
Министерството во соопштението наведува дека жената ги загубила функциите на дишење и срцето и не реагирала на обидите за реанимација. Дежурниот лекар тогаш констатирал смрт поради мозочен удар.
Гилберт Родолфо Балберан Монтоја, синот на жената која по грешка беше прогласена за мртва, за локалните медиуми изјави дека неговата мајка била примена во болница околу 9 часот и дека лекарот напладне му рекол дека починала.
Монтоја потоа била ставена во ковчег неколку часа додека членовите на семејството не ја забележале како се бори за здив.
На видеото објавено на социјалните мрежи, Монтоја се гледа како лежи во отворен ковчег и силно дише додека вознемирените членови на семејството се собираат околу неа. Потоа се гледаат болничарите како пристигнуваат и ја набљудуваат Монтоја пред да ја однесат на носилки и во амбулантно возило.
Таа сега е на интензивна нега во истата болница каде лекарите констатирале смрт.
– Малку по малку разбирам што се случи. Сега само се молам здравјето на мајка ми да се подобри. Ја сакам жива и до мене – го цитира агенцијата АФП нејзиниот син Балберан.