Неколку плажи се затворени откако голем број угинати риби и необична бела пена се измиле на австралискиот брег, додека сурферите пријавиле дека се чувствуваат лошо.
На брегот беа пронајдени десетици мртви риби, заедно со „цутот на микроалгите“, за кои се верува дека биле предизвикани од необични временски услови во тоа време. Плажата Вејтпинга и соседната плажа Парсонс, во близина на главниот град на австралиската држава Јужна Австралија, Аделаида, од понеделникот се затворени за јавноста поради оваа необична појава.
Се стравува дека оваа појава зафатила повеќе луѓе, но и морски организми, а истрагата за овој необичен случај ќе продолжи.
Сурферите се жалат на иритација на очите, болки во грлото и кашлање од викендот откако стапиле во контакт со водата. Локалниот сурфер Ентони Роуланд, кој сурфаше на плажата Вејтпинга во саботата, рече: „Додека бевме во вода почнавме да кашламе. Многу луѓе се јавија – толку многу луѓе рекоа дека ги имаат токму истите симптоми“.
Морските научници во понеделникот зедоа примероци од вода од пената, која е нуспроизвод од распаѓањето на отровните организми. Сепак, може да потрае до крајот на неделата за да се идентификува организмот.
Цветањето на микроалгите – микроскопски, едноклеточни организми – би можело да биде предизвикано од неодамнешната продолжена суша со мал ветер и плима, пишува Метро .
Главниот научен директор на Управата за заштита на животната средина на Јужна Австралија, Сем Гејлард, рече: „Ова е многу загрижувачко. Тоа е невообичаено во овој обем. Во овој период од годината, кога дозволуваат временските услови, повремено имаме изолирани цветови на алги. Нешто од оваа големина е дефинитивно малку необично. Во моментов не сме сигурни колку долго ќе трае ова“.
Тој додаде дека од неделата во областа се појавиле посилни бранови и дека турбуленцијата може да ги растури алгите, а во исто време да создаде уште поголема пена.
„Управата за заштита на животната средина (ЕПА) знае дека на плажите Вејтпинга и Парсонс се пронајдени мртви риби, а сурферите пријавиле здравствени поплаки како што се чешање на очите, заматен вид, кашлање и отежнато дишење“, рече портпаролот на Управата за заштита на животната средина на Јужна Австралија.
„ЕПА доби повеќекратни извештаи за пронајдени мртви риби и морски коњи на брегот, како и песок со црвена боја на плажите и пена што се појавува долж брегот. ЕПА работи со други агенции, вклучително и PIRSA Fisheries и SA Health, за да ја посетат локацијата и да земат примероци од вода“, се додава.
„Се верува дека овој настан би можел да биде резултат на цветање на микроалги предизвикани од високи температури, мирни води и продолжен морски топлотен бран, при што температурите моментално се 2,5 °C над нормалата, а слабите ветрови и ниските бранови придонесуваат за овие услови“, заклучија тие.