Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) е затекнато во лоша финансиска состојба која што успеавме да ја санираме – информираше денеска директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски.
По средбата во претпријатието со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, директорот Трајановски информираше дека го затекнале претпријатието со големи долгови, но како што рече, успеале да се приближат до финансиска стабилност.
– На сметката имаше околу 90 милиони денари, а долговите беа околу милијарда и сто, десет пати поголеми долгови од што е состојбата на сметката, за да на 23 август, на вчерашната состојба, имаме милијарда и сто на сметката и милијарда и триста во долгови. Се приближуваме до некоја финансиска стабилност – рече директорот.
Трајановски информираше дека од февруари годинава не биле плаќани фактурите на многу институции, помеѓу кои ги спомена Македонија пат, на кои како што рече, им е платено само за исплата на плати, а не е платено и на Министерството за финансии во вредност од 300 милиони денари за отплата на ануитети за кредити кои ги плаќа Министерството во име ЈПДП.
– Финансиската состојба беше многу лоша, успеавме да ја санираме, пред сè во наплата на патарините. Доколку направиме споредба јули 2023 со јули 2024, имаме во јули 2024 година 66 милиони поголема наплата во однос нам минатата година, тоа јасно зборува дека ние работиме посветено и домаќински, за да би можело ова јавно претпријатие да биде во многу стабилна состојба, рече директорот на ЈПДП.
Трајановски информираше и дека претпријатието потпишувало договори со многу високи цени, од кои ја сподели цената од 30 илјади денари за ангажирање на стручен електроинженер од висока стручна спрема за еден час работа.
– Да не зборувам за сите други слични договори кои што биле правени. Не е правена конкуренција и не се гледало да бидат конкурентни на пазарот, дополни тој.
Министер за транспорт и врски, Александар Николоски, сподели дека имале одличен почеток заедно со ЈПДП, при што рече дека на дневна основа работат на реализација на проектите.
– Имаме неделни состаноци за двата најкрупни проекти, едниот е финализирање на автопатот од Охрид до Кичево, а вториот е почеток и забрзување на работите за коридорите 8 и 10, пред сè тука е Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар- Букојчани. Во следниот период ќе доаѓаат и другите проекти, изјави Николоски.
Министерот најави дека наскоро ќе биде завршен проектот за експресниот пат Градско-Прилеп.
Премиерот Христијан Мицкоски пак, го повика Обвинителството да постапи по добиените пријави.
– Повикувам до ЈО да си ја заврши својата работа во пријавите кои што досега се добиени и по пријавите кои што ќе следат, бидејќи сето ова кое што се случувало во институциите мора да биде причина да ЈО и другите истражни органи влезат и се позанимаваат, бидејќи сепак тоа се народни пари, ваши пари. И мора да се има одговор каде завршувале тие пари и како одделни политичари од голтари станувале милионери. Зошто се потпишувале вакви договори, што е причината да се потпишат вакви договори на вакви технички решенија кои што се катастрофални, изјави Мицкоски.