„Тие ја уништија легитимната Влада во Украина, поставија авантуристи и бандити на чело, ги снабдија со пари и оружје, всадија чувство на апсолутна толеранција и неказнивост, обезбедија политичко покривање и воена придружба“
Западот е „примарно одговорен“ за чекорите на Украина против Русија, рече денес официјална Москва, еден ден откако го обвини Киев за напад на Кремљ со беспилотни летала во текот на ноќта во обид да го убие претседателот Владимир Путин.
„Тие ја уништија легитимната Влада во Украина, поставија авантуристи и бандити на чело, ги снабдија со пари и оружје, всадија чувство на апсолутна толеранција и неказнивост, обезбедија политичко покривање и воена придружба“, истакна портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, преку Телеграм.
Таа мислеше на протестите на Мајдан во Украина во 2014 година, кои доведоа до соборување на претседателот Виктор Јанукович, кој се сметаше за проруски настроен.
Русија вчера (среда) соопшти дека Украина се обидела да ја нападне резиденцијата на претседателот Путин со два дрона, кои биле соборени.
Путин не бил повреден во нападот, а беше нагласено дека Русија го задржува „правото да преземе одмазднички мерки на место и време кога смета за соодветно“, се додава.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски и други официјални претставници ја негираа вмешаноста на Киев во нападот.