Брзиот воз за Европската Унија е наш приоритет, но сепак е важно на какви програмски принципи ќе се темели владината коалиција, што треба да нè движи на патот на европската агенда. Како македонски граѓани немаме денови за губење, инсистираме ефикасност и квалитет. Ова е еден од заклучоците што денеска ги усвои Централниот одбор на Либерално – демократската партија.
– За ЛДП секогаш ќе биде важно на какви идеали ќе се темели коалицијата на која припаѓаме и која програма ќе се застапува. Од тоа ќе зависи нашата одлука за коалицирање, бидејќи нашиот приоритет е развој на државата и подобрување на секојдневието на секоја личност. Луѓето ни се најголем ресурс, мораме да ги задржиме и да им понудиме просперитетна иднина, рече претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.
Од партијата попладнево информираа дека ќе инсистираат на нивната иницијатива за кратење на непродуктивните буџетски трошоци.
– Треба да престане расфрлањето на парите на граѓаните на централно и локално ниво, кое Македонија веќе не може да го издржи. Мора да дојде до итно кратење на надоместоците на комисиските членови во управни и надзорни одбори, како и агенциите кои се четирипати повисоки од просечната плата, односно воведување на лимит на износот на овие надоместоци до минималната плата во државата. Ќе инсистираме на формирање работна група во која покрај пратениците, би биле вклучени и експерти од Владата, сѐ со цел да се донесе одлука која ќе ги заштити централниот и општинските буџети од расфрлање и ќе се намали финансирањето на непродуктивната администрација. Партијата ќе понуди решенија и кадри за решавање на овој голем проблем, се наведува во соопштението.
По последното Собрание на ЛДП на 20 ноември, на денешната седница на ЦО се комплетирани и останатите органи на партијата. Избрани се членови на Извршниот одбор, потпретседатели, меѓународен секретар, Советот како објективно тело составено од партиски членови, но и од истакнати поединци во општеството.
– Беше усвоен и предлог датум за одржување на тематски конгрес каде партијата ќе ја промовира својата партиска програма, односно либералните иницијативи за наредните четири години од кои најголем бенефит и олеснување треба да добијат граѓаните. ЛДП и на домашно и меѓународно ниво веќе е препознаена како сериозен политички фактор, без кој не би можела да се формира ниту една влада и кој независно дали е на власт или во опозиција, е партнер со граѓаните и конструктивен коректив на власта. Сведок за тоа се иницијативите што веќе се прифатени од Владата, субвенциониран студентски оброк, недела – неработен ден, зачувување на рамниот данок, воведување на викенд без ДДВ и така натаму, пишува во соопштението на партијата