Откако Русите се повлекоа од договорот за жито, деноноќно ги бомбардираат украинските пристаништа Одеса, Черноморск и Јужни каде беа уништени околу 100 илјади тони пченица, а со тоа и го блокираа извозот на жито преку Црното Море.
Русија изминатите денови исто така ги нападна и украинските пристаништа на Дунав – Рени и Измаил, кои се наоѓаат на границите со Молдовија и Романија.
BBC ги пренесува зборовите на водечкиот аналитичар на познатиот веб-портал за храна – SovEcon, Андреј Сизов, кој вели дека – „ракетирањето на пристаништата на Дунав е позначаен настан од предвидливите напади на Одеса, што може да предизвика поголеми потреси на глобалниот пазар“.
Очигледно, Кремљ е многу заинтересиран да го наруши пазарот на жито и украинскиот извоз. Имено, дури и некои руски медиуми наведуваат дека Украина „може да го исполни извозниот план“ до крајот на годината и покрај руското гранатирање и блокада на нејзините црноморски пристаништа, преку реката Дунав и Европската унија. Пристаништето Рени на Дунав е буквално на неколку стотини метри од брегот на реката во Романија, членка на НАТО, што само по себе е вознемирувачко.
Украина извезува околу два милиони тони жито месечно преку пристаништата на Дунав, со што се покрива дупката создадена од сегашната критична ситуација.
Претседателот на Романија, Клаус Јоханис во објава на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека ги осудува руските напади врз украинската цивилна и економска инфраструктура на Дунав, во непосредна близина на Романија.
„Оваа ситуација доведува до ескалација и го шири ризикот од несигурност во Црното Море. Тоа влијае на извозот на украински житарки и на глобалната (не)безбедност на храна“, посочува тој во објавата.
И покрај војната, Украинците сакаат да ги модернизираат трите пристаништа на Дунав – Измаил, Рени и Уст-Дунајска – и да ја зголемат пропусната моќ за повеќе од 1,5 пати, што исто така би ги олеснило морските пристаништа. На светските берзи имаше драстично зголемување на цените на житото, за повеќе од 30 – 35 долари за тон, а се очекува и натамошен раст. Украина засега е покриена со извоз преку Дунав и со железница преку ЕУ, што наидува на незадоволство кај источноевропските земјоделци – да потсетиме дека Европската комисија го „забрани“ извозот на украински житарки во Бугарија, Унгарија, Словачка, Романија и Полска до 15. септември. Дополнително, голем проблем е што осигурителните компании генерално одбиваат да ги осигураат бродовите што пловат кон Црното Море, особено кон Украина, а сега, како што пренесува BBC, ова би можело да се прошири и на бродовите кои пловат по реката Дунав.
Кремљ, исто така, сака да и оневозможи на Украина да го транспортира своето жито до клиентите, главно во Африка и Блискиот Исток, со цел, се верува, да предизвика криза со храна во светот, пред се во Африка. Целта е на тој начин да се изврши притисок врз земјите од Западот да ги намалат или укинат економските санкции воведени против Русија поради нејзината агресија врз Украина. Русите бараат да им биде дозволено да продаваат земјоделска технологија и да увезуваат потребни делови за неа, да извезуваат вештачко ѓубриво и да им се врати банката Росељхозбанк (земјоделска банка) во системот SWIFT.
Некои независни руски весници пишуваат дека Кремљ смета дека годинава извозот на руски житарки би можел да достигне рекордно ниво, бидејќи од крајот на јуни веќе има извезено повеќе од 58 илјади тони. Москва очекува дека во 2024 година побарувачката за нејзините жита ќе се зголеми бидејќи проблемот е што оваа година Украина би можела да произведе и до 25 отсто помалку жито отколку пред војната, што само по себе може да предизвика криза со храна, бидејќи Украина е меѓу петте најголеми извозници.
Владимир Путин смета дека Западот, доколку постои закана од глад, би можел да ја олабави контролата на санкциите.