За две години државните институции набавиле нови автомобили за 8,5 милиони евра

Центарот за граѓански комуникации објави истражување за набавките на возила од државните институции во 2023 и 2024 година и отворената база на податоци за договори за јавни набавки на возила.

Истражувањето открива дека за само две години, 2023 и 2024 година, државните институции набавиле нови возила за 8,5 милиони евра, дел купени, а дел изнајмени.

Меѓу нив има и 45 владини возила, по 50 илјади евра, дадени под закуп на сегашни функционери, но и на поранешни премиери и претседатели.

Најскапото купено возило, 55 илјади евра, е на општина Шуто Оризари, додека Општина Прилеп набавила и потоа го раскинала договорот за возило вредно 63 илјади евра.

Просечната вредност на сите купени возила во последните две години е 31.760 евра.

Омилена марка на функционерите е Шкода од која се купува секое трето возило. Најголем број возила, 82, купиле Електраните на Северна Македонија.

На 70 отсто од тендерите за набавка на возила имало само една понуда.

Најголема вкупна вредност на склучени договори имаат компаниите Порше Лизинг и Аутомотив Груп, секоја во вредност од околу 2,8 милиони евра за две години.