Секторот за внатрешни работи Тетово денеска реализираше превентивно-информативна активност по повод 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената под мотото „Биди горда што возиш безбедно“.
На неколку пунктови во Тетово и Гостивар полициски службеници предпладнето им делеа на возачите, припаднички на понежниот пол, пригодни флаери (летоци) и освежувачи за возила.
-Во флаерите што ги добиваа тетовските и гостиварските дами-возачи поместени се повеќе совети, а кои се однесуваат на задолжително користење на сигурносен појас, прилагодување на брзината според условите, некористење мобилен телефон при возење, воздржување од консумирање на алкохол и максимална грижа за секој учесник во сообраќајот.Денешните превентивни активности иницирани и практично имплементирани од Отсекот за превенција се во рамките на заедничката кампања „Вози одговорно“, чии носители се Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи и Факултетот за безбедност-Скопје, информираше Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.
Од волонтери на Црвен крст, жените кои беа возачи или сопатници добиваа и цвеќе.