За кого биле наменети 192 килограми забранети стероиди, кои паднаа во рацете на Царина?!

Царинската управа спречи меѓународен канал на нелегална трговија со анаболични стероиди чие производство, продажба и употреба е строго забрането со закон. Нивната вредност се проценува на 5,5 милиони денари. Светската антидопинг агенција ги има ставено овие стероиди на листата на забранети супстанции. Овие стероиди го покачуваат нивото на тестостерон и епитестостерон, што овозможува поголема издржливост на спортисти и поголема мускулна сила. Терминот „анаболични“ значи дека со нивна помош се создава поголемо ткиво, во случајот мускул.

Анаболичните стероиди често се користат во бодибилдингот.

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, соопшти дека се запленети 32 кутии со 192 килограми анаболични стероиди, кои се штетни за здравјето на луѓето. На оние кои се обиделе да ги внесат стероидите во Македонија им е поднесена кривична пријава.

– Станува збор за Оxanaboilic и Metanabol за орална употреба, како и Testec, Testen и Sustamix за инјекционална употреба – рече Николовски на прес-конференција на скопскиот аеродром.

Светската антидопинг агенција ѝ дала признание на македонската царина за оваа заплена, бидејќи влегла во трага на ланец на нелегална трговија со вакви супстанци што претставува модерен тренд на забранети стимулативни супстанцик кои предизвикуваат зависност.

– Со оваа заплена Македонија во моментов е во топ три земји на светско ниво на листата на Светската антидопинг агенција за заплени на забранети супстанции – рече Николовски.

Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека државата ќе стои цврсто против употребата на забранети материи за постигнување добри резултати.

За разлика од денешната заплена, во минатото имаше случаи кога македонски спортисти паѓаа на тестот за допинг, поради забранети супстанции што ги пиеле во суплементи наводно на природна база, кои им се протнуваа на царинските службеници и не успеваа да ги запленат.

Познат е случајот кој на ракометарот Горан Кузмановски му ја запечати кариерата, кога тој купил апчиња од аптека во Македонија, наводно на природна база, но без да знае или без воопшто да може да знае дека внатре има забранета супстанција – сибутрамин. На кутијата пишувало дека желатинските капсули ги елиминираат токсините, ја подобруваат функцијата на цревата, го олеснуваат варењето и таргетирано се слабее на половината и стомакот. Тој падна на тест за допинг, односно нелегалната супстанција му пресуди без тој да има намера да користи допинг.

Пред три месеци неетаблирана фирма која досега во Македонија немала реализирано ниту еден увоз на производи, падна во рацете на Царинската управа. На скопскиот аеродром царинските службеници спречија влез на 1.700 килограми медикаменти од само два вида: вијагра и сибутрамин. Сопствениците на компанијата на која ова ѝ беше прв увоз, се државјани на Турција. Проценетата цена на „сибутраминот“ е 100 долари за килограм. Лековите не биле регистрирани во Агенцијата за храна и лекови (МАЛМЕД), затоа што тоа не би било можно – „сибутраминот“ е забранет во лековите во Европската Унија уште од 2010 година.

„Сибутрамин“ е супресант на глад кој до 2010 година беше препишуван за борба против дебелината, но откако се докажа дека е поврзан со кардиоваскуларни болести и срцеви удари е повлечен од пазарот пред 14 години во многу делови од светот, вклучително и Австралија, Канада, Кина, земјите од ЕУ, Хонгконг, Индија, Мексико, Нов Зеланд, Филипините, Тајланд, Велика Британија и САД.

Сепак, и покрај тоа, супстанцата останува присутна на пазарот, а во конкретниот случај кога македонската Царина ги заплени кофите со „сибутрамин“ на скопскиот аеродром, увозот бил токму од Индија, држава што го има забрането овој медикамент. Во пратката од 1.700 килограми имало и „вијагра“, што во Македонија подлежи на контролирана продажба.

Сибутраминот не е новост во Македонија, но количеството од 1.700 килограми отвора нови хоризонти за тоа колку голема може да биде злоупотребата на оваа материја како „суровина“.

Заплената на сибутрамин остави бројни неодговорени прашања, особено што од фотографиите објавени од страна на Царина, се гледаше дека супстанцата влегла во државата не во форма на спакуван медикамент, туку во форма на прашкаста материја во кофи. Шпекулациите се дека е возможно ова да сигнализира дека прашкастата материја можело потоа да се меша со други производи за да се направат апчиња за слабеење, чаеви за слабеење, или пак други препарати од таа категорија.

Системот за брзо предупредување за храна на Европската Комисија има база на податоци каде во реално време се прикажани сите производи на територијата на ЕУ, кои што во себе содржат „сибутрамин“, детектиран како нелегална супстанца во производи рекламирани како „природни препарати, апчиња, или чаеви“. Сепак, нивното дејство во процесот на слабеење, не било ниту природно ниту поттикнато од природата, туку поттикнато од сибутраминот. Листата изобилува со препарати кои влегувале на европските гранични премини со потекло главно од Турција и од Кина, за да завршат во депоата под клуч бидејќи не смеат да се најдат во промет.

Агенцијата за храна и лекови на САД во 2018 година пронајде „сибутрамин“ во повеќе од 700 диететски суплементи кои лажно се рекламираат како „природни“, „традиционални“ или „билни“.

Европските држава прават посериозна контрола на суплементите за слабеење и за подобрување на здравјето отколку Македонија каде контролите на овие суплементи изостанува. На пример, Агенцијата за лекови на Данска, континуирано ги анализира производите за кои се сомнева дека содржат активни состојки кои не се наведени на пакувањето. Нивната „заплена“ на пазарот е огромна – а објавена е со фотографии од илегалните суплементи што содржат сибутрамин на нивната веб-страница за јавноста да биде квалитетно информирана.