За наградата „Милан Младеновиќ“ и Констракта го бара наследникот на Дина Јашари

 – Фондацијата „Милан Младеновиќ“ објави дека на 1 мај е отворен конкурсот за најдобра песна на територијата на поранешна Југославија, за наградата која го носи името на легендарниот белградски и југословенски рок музичар и фронтмен на групата „Екатарина Велика“.

Конкурсот (по правилото: еден автор – една песна) е отворен до 31 мај 2023 година. На кандидатите им се препорачува да обрнат посебно внимание и на текстот и на музиката.

– Лично, многу внимавам на текстот и на темата што е избрана и на начинот на кој тој текст е поткрепен со музика: што е аранжман, што е драматично, што е продукција, што е жанр, вели Ана Ѓуриќ Констракта, една од членовите на стручното жири.

Секоја година жирито е регионално. Оваа петта година, освен Констракта, членуваат и авторката и уредничка на емисијата „Бунт“ Бранка Главоњиќ (Србија), музичарот Борис Лејнер (Хрватска), музичарот Зоран Предин (Словенија) и писателот и музичар Марко Шелиќ Марчело (Србија).

Сите тие се вклучени во потрага по наследникот на македонската пејачка Дина Јашари, која престижната награда ја доби лани, за песната „Дома“.

Повеќе информации околу конкурсот и наградата може да најдат на интернет страница на Фондацијата „Милан Младеновиќ“.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да ја поттикне музичката креативност, која се карактеризира со вредностите својствени на неговото уметничко наследство. Се доделува за најдобра песна на територијата на поранешна Југославија на церемонија на 21 септември – денот на раѓањето на Милан.