– За неколку недели ќе почнат физичките активности на Коридорот 10д на настан во присуство на медиумите, најави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
На Коридорот 10д треба да се гради автопатската делница Прилеп – Битола, како дел од договорот што го потпиша Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) со Американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со кој ќе се градат и три автопатски делници на Коридорот 8, а официјалниот старт беше означен завчера.
Ковачевски во одговор на новинарско прашање објасни зошто Владата го назначила вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби за координатор на активностите за реализација на проектите на Коридор 8, истакнувајќи дека не се работи за дополнителна одговорност и надлежност, туку за координација како и кај сите други вицепремиери кои имаат координативна улога со други ресори.
Според Ковачевски, капиталните инфаструктурни проекти се во исклучива надлежност, одговорност и обврска на Министерството за транспорт и врски и институциите во негови рамки, како ЈПДП и МЖ Инфаструктура.
-Како и за други области во вакви големи инфаструктурни проекти, покрај обврските на институциите и Министерството кои имаат исклучива надлежност, во најголем дел се јавуваат потреби од мислења и ефективна и ефикасна работа и од други институции кои не се во надлеженост на Министерството за транспрт, туку на Владата, како што Управата за имотно-правни работи, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавното правобранителство, општините, а ќе требаат и побрзи процедури и за работната сила која ќе доаѓа од странство. Заради побрзо и поефикасно координирање на таквите активности се назначува еден од вицепремиерите, рече Ковачевски, наведувајќи примери со координативната улога и на другите вицепремиери.
Вредоста на договорот за коридорите 8 и 10д е 1,3 милијарди евра, без средствата за проектирање и експропријација. По објавите во однос на компаниите од конзорциумот ИРД инжинеринг, избраниот надзор за проектот, Обвинителството отвори предмет по допрен глас, а предмет отвори и Антикорупциската комисија која најави дека поради специфичноста ќе му даде посебно значење.
Во однос на тоа колку чинела манифестацијата со која во вторникот беше означен почетокот на градежните активности на Коридорот 8 и како била избрана фирмата „Арберија“, премиерот упати на Кабинетот на вицепремиерот Груби, кој е и претседателот на Управувачкиот комитет за овој Коридор.
– Во делот на подготовката на настанот за пуштање на работите на Коридорот 8 бевте информирани дека бев во официјална посета на Србија, потоа заедно со претседателот на Србија и премиерот на Албанија бевме на Саемот на вино во Италија каде заедно се претставивме и потоа бев во официјална посета на Словенија така што заради службени обврски не бев во ситуација да бидам дел од монтажа на бина на автопатската делница Тетово-Гостивар и сите информации кои се однесуваат на монтажата на бината ќе може да ги добиете од страна на Кабинетот на вицепремиерот Груби кој е претседател на управувачкиот комитет за Коридорот 8, рече Ковачевски.