Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, истакнува дека му е чест што има можност да ја претставува својата земја.
Новак Ѓоковиќ во средата пристигна во Валенсија каде им се приклучил на соиграчите од Дејвис Куп односно тимот на Србија.
Српскиот ас, кој пред само четири дена триумфираше на УС Опен во Њујорк, решил да ги брани боите на Србија во конкуренција од групната фаза на Дејвис Куп. Тој утре ќе излезе на терен против селекцијата на Шпанија.
„Ја претставувам мојата земја, нема поголема чест за мене. Не бев таму порано, но сега се надевам дека ќе му помогнам на тимот да стигне до Малага. Не сум свеж, играв многу во последните неколку месеци. Немаше доволно време да се опоравам. Морам да го задржам интензитетот и да се прилагодам на новата временска зона“, рекол Новак Ѓоковиќ.
Тој истакнал дека ќе даде се од себе за да и донесе бод на својот тим.
„Не знам против кого ќе играм утре. Ова е екипно натпреварување каде ја претставуваме нашата земја. Ќе направеме се за да го најдеме најдобриот состав кој ќе ни донесе победа. Пред некој ден победивме со 3:0. Секој бод е важен. Мислам дека лани не се квалификувавме поради еден сет. Се надевам дека ќе придонесам за мојот тим, дури и да е бод во сингл. Се радувам на ова. После УС Опен, имам малку време да се прилагодам, но тоа го знаев пред да одам во САД. Реков дека Дејвис Куп и Грен Слем турнирите ми се приоритет“, нагласил Новак Ѓоковиќ.