Последниот светски скандал со шпионирање го вклучува Кремљ, откривајќи како консултантска компанија со седиште во Москва и помогнала на руската државна хакерска програма со алатки за надзор и шпионирање.
Т.н. „Вулкан“ документи стигнаа до медиумите на почетокот на минатата година, по почетокот на војната во Украина, кога ‘свиркач’ лут поради руската инвазија им ги предаде на германските медиуми. Медиумскиот конзорциум, составен од 11 познати медиумски куќи, ги објави овие документи во четвртокот, наведувајќи дека купиштата документи добиени за разгледување биле оценети од експертите како автентични.
Главни откритија ? „Вулкан“ помогнал со развивање алатки на ФСБ, ГРУ и СВР, руските воени и шпионски агенции, во хакерски операции, обука на оперативци пред напади на одредена национална инфраструктура, ширење дезинформации и контрола на делови од Интернетот.
Еден од документите ја поврзува алатката за сајбер напади на „Вулкан“ со озлогласената хакерска група Sandworm, за која американската влада вели дека предизвикала два големи проблеми во Украина, и дополнително ја прекинала Олимпијадата во Јужна Кореја и го лансирала проектот NotPetya, економски најуништувачкиот малициозен софтвер во историјата. Со кодно име Scan-V, алатката го скенира Интернетот за пропусти кои потоа се складираат за употреба во идни сајбер напади, објави The Guardian.
Друг систем од документите „Вулкан“, наречен Amezit, се користи за следење и контрола на Интернетот во регионите под руска контрола, а исто така овозможува плаисрање дезинформации преку лажни социјални профили, покажала истрагата. Третиот систем – Crystal-2V – е програма за обука на сајбер оперативци, поврзана со уништување на железничката, воздушната и поморската инфраструктура.
Досието „Вулкан“ содржи илјадници страници документи кои датираат од 2016 до 2021 година, а анонимниот ‘свиркач’ (доставувач), кој прв ги предаде документите на германскиот весник Süddeutsche Zeitungu, кажал дека е лут од руската војна во Украина и дека ГРУ и ФСБ стојат зад документите „Вулкан“.
„Луѓето треба да знаат за овие опасности. Компанијата прави лоши работи. Лут сум поради инвазијата на Украина и ужасните работи што се случуваат таму. Се надевам дека ќе можете да ги искористите овие информации за да покажете што се случува зад затворените врати“, изјавил тој, кој според германскиот весник е руски шпион.
Ова е исклучително ретко протекување на вакви сензибилни документи од Русија. Меѓу документите имало и електронска пошта, интерни документи, проектни планови, буџети и договори.
Џон Хултквист, еден од одговорните луѓе на американската компанија за сајбер безбедност Mandiant, која прегледала дел од материјалите на барање на медиумскиот конзорциум, ги коментираше резултатите од истрагата.
„Овие документи укажуваат дека Русија ги смета нејзините напади врз цивилната инфраструктура и манипулацијата со социјалните мрежи за иста мисија. Тоа е напад на волјата за борба на непријателот“, кажал Хултквист.
Интересен е проектот Amezit од документире „Вулкан“. The Guardian пишува дека во 2018 година, тим од вработени во проектот „Вулкан“ отпатувал во јужна Русија за да присуствува на официјалното тестирање на сеопфатна програма што овозможува интернет контрола, надзор и дезинформации. Состанокот се одржал во истражувачки институт во Ростов-на-Дон, поврзан со ФСБ. „Вулкан“ бил ангажиран од руската разузнавачка служба (поранешна КГБ) како подизведувач за да помогне во создавањето на Amezit, кој во досиејата бил поврзан и со руската војска.
Еден дел од оваа алатка е насочена кон Русија и им овозможува на оперативците да ја преземат контролата над Интернетот доколку избијат немири во Русија или на освоените територии, како на пример во Украина. Преку него, Интернет сообраќајот што се смета за политички штетен може да се отстрани пред да се прошири вирално.
Внатрешен документ од 387 страници објаснува како функционира проектот Amezit од документите „Вулкан“. Војската има потреба да дојде физички пристап до хардвер, како што се кулите за мобилни телефони и безжични комуникации. Откако ќе ја преземат контролата врз преносот, тие можат да го пресретнат сообраќајот. Воените шпиони можат да ги лоцираат луѓето кои прелистуваат на Интернет, да видат до што пристапуваат он-лајн и да ги следат информациите што ги споделуваат. Алатката користи целосна анализа за да забележи „непријателска“ содржина.
Според извор запознаен со работата на „Вулкан“, компанијата развила програма која ги ‘чешла’ страниците како што е Фејсбук за клучни зборови и ја идентификува позицијата користејќи податоци од отворени извори.
Подсистемот Amezit, наречен и PRR, ѝ овозможува на руската војска да спроведува големи тајни операции за ширење дезинформации на социјалните медиуми и преку Интернет создава лажни сметки односно профили.
Меѓу обелоденетите документи има и фотографии од екранот на лажни профили од социјалната мрежа Твитер и хаштагови кои ги користела руската војска од 2014 година до почетокот на војаната во Украина минатата година. Меѓу дезинформациите се и теориите на заговор за Хилари Клинтон и негирањето дека цивили биле убиени во руските бомбардирања во Сирија, пишува во анализата еминентниот британски весник The Guardian.