Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров се закани со одмазда за синоќешниот напад со дрон врз главниот град Грозни.
„Киев пост“ објави дека Кадиров го опиша инцидентот како „патетична акција“ која само ја зајакна решителноста на Чеченија.
Чеченските медиуми и лидерот на таа руска република објавија дека беспилотни летала ја погодиле касарната на специјалниот полициски полк во Грозни.
– Во нападот е оштетен покривот на зградата, искршени се стаклата, а полесно се повредени четири лица кои чуваа стража – изјави Кадиров во првата реакција.
Тој рече дека дронот бил соборен над полициските бараки околу еден час по полноќ.
– Никој не е сериозно повреден. Четворица чувари се здобиле со полесни повреди – рече Кадиров.
После тоа, тој се закани дека резервните сили со 84.000 доброволци се „подготвени за распоредување“ на украинскиот фронт.
– За овие четворица ранети ќе убиеме 400 украински војници – рече Кадиров.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека 16 украински беспилотни летала биле пресретнати и уништени во текот на ноќта, од кои еден во Чеченија, три во Северна Осетија, четири во областа Курск и осум над Крим.
Цел на вечерашниот напад во Грозни бил специјален полициски полк именуван по Ахмат Кадоров, првиот чеченски лидер кој ја имал поддршката од Москва и татко на актуелниот лидер.
Истата касарна минатата недела беше цел на украинско беспилотно летало, кога на 4 декември исто така беше погодена бензинска пумпа, при што беа повредени цивили.
Претходно, првиот напад со беспилотни летала на територијата на Чеченија беше извршен на 29 октомври, кога цел беше Универзитетот на руските специјални сили во Гудермес.
Тогаш Кадиров првично рече дека нема жртви, а потоа тврдеше дека таму загинале украински воени заробеници, кои ги користел како жив штит.
Тој ја обвини Украина за нападот, иако Киев не ја презеде одговорноста за нападот.
Извор од украинската разузнавачка служба тогаш за киевските медиуми изјави дека нападот очигледно бил извршен од соседните руски републики Дагестан и Ингушетија.
Во врска со синоќешниот напад, „Киев пост“ се повикува на неименуван извор од украинските специјални сили, кој потврдил дека се случил напад на Грозни, но дека најверојатно бил извршен од Дагестанци кои биле насочени кон Путиновиот Универзитет на руски специјални сили.
Тој додаде дека новиот удар може да биде „продолжение на претходните судири со силите на Кадиров“.