На Македонија ѝ требаат двојно повеќе медицински сестри отколку што има во моментов. Коментирајќи ја изјавата на првиот човек на здружението на лекари дека во последните 10 години се иселиле 2.000 лекари, министерот за здравство уверува дека и покрај тоа што заминувањето на лекарите е загрижувачко, во последно време се забележувал пад на овој тренд.
„Со бројот на лекари не заостануваме, блиску сме. Наместо тоа, имаме помалку сестри, медицинските сестри навистина треба да бидат двојно повеќе од она што го имаме во моментов. Како министерство за здравство сме во постојан контакт со Медицинскиот факултет во Скопје, Тетово и Штип. За да создадеме нов кадар интензивно работевме со сите три факултети за да ги зголемиме капацитетите и да овозможиме специјализации. Овозможивме 8 специјализации на Тетовскиот универзитет за да можеме да создадеме нови капацитети и нови доктори-специјалисти во 8 различни области“, рече Беким Сали, министер за здравство.
Официјалните податоци на Лекарската комора покажуваат дека бројот на активни лекарски лиценци во земјава во моментов е 9.643.
„Лекарската комора нема релевантни податоци за заминувањето на лекарите. Но и без прецизни податоци за тоа, трендот на заминување на лекари во странство е јасен и кај нас. Нагласуваме дека задржувањето на младите лекари во нашата држава е приоритет доколку сакаме нашиот здравствен систем да го одржиме во живот. За нашите млади лекари да останат во Македонија, важно е да им се овозможи вистинска евалуација на нивната работа, можности за образование, како и капацитети за отворање приватни ординации, субвенции и вработување“, наведуваат од Лекарската комора.
Само од Здружението на лекари на Македонија во последните 10 години заминале 2.000 лекари. Од 7.400 членови, им останале 5.400.