– Три чамци со нерегуларни мигранти потонаа на јужниот брег на Тунис обидувајќи се да преминат во Европа. Во овие несреќни случаи животот го загубија три лица, од кои две бебиња, а 12 се исчезнати.
Февзи ал-Месмуди, портпарол на Првиот првостепен суд во градот Сфакс, кој се наоѓа во јужниот дел на Тунис, за локалните медиуми изјави дека три чамци со нерегуларни мигранти потонале во последните 48 часа во подрачјето на Сфакс.
Информирајќи дека се спасени 152 лица што скокнале од чамците што тонеле, Ал-Месмуди истакна дека пронашле три безживотни тела, од кои две се на бебиња и додаде дека продолжува потрагата за пронаоѓање на 12 исчезнати лица.
Во април, за време на зголемените обиди за илегална миграција во Европа, во водите покрај брегот на Тунис се пронајдени телата на 210 нерегуларни мигранти по превртувањето на чамците.
Секоја година илјадници африкански нерегуларни мигранти доаѓаат во Тунис со цел да преминат во Европа преку Медитеранот, во надеж за подобар живот.
Некои од мигрантите од супсахарските африкански земји, кои со години живеат во мигрантските квартови на Тунис, успеваат да го преминат Медитеранот и да стигнат до Европа, но дел од нив умираат во морските води.