Се известува дека Кина бележи зголемување на човечкиот метапневмовирус или HMPV, респираторна болест со симптоми слични на грип. Но, овој вирус е стар и симптомите се исти како оние на грипот, затоа нема потреба од паника, вели епидемиологот Наим Скендери, од Центарот за јавно здравје во Тетово. Според Скендери, овој вирус е идентификуван во 2001 година.
-Во моментов има случаи кои се само во Кина и немаме ширење во други држави или земји и мислам дека нема потреба од загриженост или паника, барем засега, бидејќи не се зборува за нов вирус, туку тоа е вирус кој е одамна познат дури и кај населението, но е познат и за науката. Центарот за контрола на заразни болести има знаење за овој вирус. Го има како случај кој се појави во 2001 година, но ако одиме понатаму, тој постои од 60-тите години и што е важно, научниците не наишле на никакви генетски промени, а додека не постои такво нешто, нема причина за паника за момент, изјави Наим Скендери, епидемиолог.
Лекарот, Беким Исмаили вели дека во овој период имаме сезонски грип и сезонски вируси, додека вирусите од година во година менуваат мутации, но со редовни контроли се држат под контрола.
-Во овој период имаме зголемен бран на пациенти кои доаѓаат со сезонски симптоми на сезонски вируси, но и сезонски грип. Секако, овој тек се зголеми и кај нашите ординации кои работат со возрасните и кај најмалите, кај децата. За информациија, што велите дека има нов вирус, немам никакви информации, но знаеме дека вирусите трпат нови мутации и се обидуваме да ги држиме пациентите под контрола со постојани контроли, вели Беким Исмаили, специјалист по семејна медицина.
Инаку, во последните денови и воздухот во земјава е многу загаден, што влијае на здравјето, особено на хронично болните лица и децата за кои се препорачува да не излегуваат надвор без тоа да биде неопходно.